Црква Св. Пантелејмон, манастир Нерези
Ктитор: принц Алексеј Комнен АнгелГодина на градба: 1164Година на фрескоживопис: по 1164Опис: Храмот посветен на светиот лекар Пантелејмон, се наоѓа во селото Горно Нерези, на планината Водно, осум километри југозападно од Скопје. Според староста, цр...

Ктитор: принц Алексеј Комнен Ангел
Година на градба: 1164
Година на фрескоживопис: по 1164
Опис: Храмот посветен на светиот лекар Пантелејмон, се наоѓа во селото Горно Нерези, на планината Водно, осум километри југозападно од Скопје. Според староста, црквата Св. Пантелејмон е најстара зачувана црква во Скопје и околината, и зазема значаен дел од средновековниот културен хоризонт на Македонија. Црквата е еден од најубавите споменици на средновековната уметност, сублимирајќи ги во себе врвните уметнички дострели на Комненовската династија. Црквата е изградена во 1164 година, под ктиторство на византискиот принц Алексеј, син на Константин Ангел и Теодора, најмладата ќерка на византискиот цар и основач на Комненовската династија – Алексеј I Комен (1081 – 1118). Ктиторот принцот Алексеј бил соработник на актуелниот цар Мануил I (1143 – 1180). и Податоците ги дознаваме од сочуваниот натпис на мермерниот архитрав поставен над влезот од нартексот во наосот. Натписот во целост гласи:
„Се разубави овој храм на светиот и славен Валикомаченик Пантелејмон со средствата на господин Алексеј Комнен и син на порфирородната госпоѓа Теодора во месец септември, индикт 13 година 6673 (1164) при игументсво на Јоаникиј монах“.
Црквата архитектонски претставува спој на престолничката градителска матрица и локалните градителски техники. Во основа црквата е крстообразна со пет куполи и нартекс на западната страна. Во просторот под страничните куполи се оформени компартимети. Источните компартименти имаат функција на протезис, т.е. жртвеник (североисточниот) и ѓаконикон (југоисточниот), а западните капели претставуваат интегрален дел од припратата бидејќи се пристапни единствено од овој западен дел на градбата. Во нив се откриени аркосолиум (северозападната) и питос со осветена вода (југозападната), што е доволно за да се претпостави нивната улога во погребниот ритуал, кој, во соодветни околности, се одвивал во припратата на храмот. Црквата е изградена е од приделкани камени блокови и тули, фасадите се декорирани со прозорци: монофори, бифори и трифори. Црквата има димензии од 16,90 м и 9, 60 м, а централната купола има дијаметар од 3,60 м. Во XVI век, поточно во 1555 година скопската областа била погодена од земјотрес, пришто се срушила куполата и дел од горните делови на црквата, но повторно биле реконструирани. За жал во горниот дел на храмот оригиналните фрески за секогаш се изгубени, и се заменети со фрески од XVI век. Оригиналниот фрескоживопис, поточно е изработен по 1164 година, и од овој фрескоживопис се зачувани делови од олтарната програма, стоечки светители во првата зона, сцени од Христолошки циклуси во втората зона и сликарството во бочните капели. Зографот на Нерешкиот храм вешто ги поставил композициите од Христолошкиот циклус во просторот. Па така претставата на Сретението на јужниот ѕид и неговиот пандан на северниот ѕид – претставата на Оплакувањето Христово, ја сублимираат симболичката конотација на Христовата жртва т.е. најавата на страдањата на новородениот Спасител преку претставата на Сретението и неговата смрт преку претставата на Оплакувањето. Оплакувањето претставува творечки врв на нерешките мајстори и една од најмаркантните сцени на средновековната ликовна продукција. Во сцената Богородица паднала врз мртвото тело на Христос, го обвиткува телото, и плаче со горчлива болка и болна гримаса. Таа го оплакува Христос, нејзиниот единстевен син, а не Богот и Спасителот на човештвото. Во првата зона се насликани дваесет и шест светители: свети воини, маченици и химнографи. Значаен е и портретот на патронот на храмот светиот лекар Пантелејмон, издвоен во штуко – рамка со релјефна декорација. Одлики на фрескоживописот се вештина во цртежот, сјајен колорит, широко обоени површини, нагласани контури, елегантни движења и за првпат во византиската уметност претстава на емоции. Од фрескосликарството од 1555 година кое е зачувано во горните делови на црквата, зачувани се претставите во централната купола, Богородица во конхата на апсидата, Празничниот циклус и светителските бисти во средишната зона. Авторот на ова сликарство се трудел да го следи стилот и програмскиот концепт на оригиналното сликарство од XII век, но на ова сликарство недостасува емоциналниот набој претпознатлив во оригинаниот т.е. стариот фрескоживопис. Храмот со фрескоживописот од XII век претставува едно од најзначајните и најубавите средновековни фрескоансамбли на територијата на Македонија, но и пошироко.
Историјат: Братот на ктиторот Алексеј бил на дуксот Јован Ангел кој бил административен владетел на Скопје, кое во втората половина на XII век станал важен центар/град во западните гранични области на Византиското царство. Фрескоживописот од XII век е откриен во 1926 година кога историчарот на уметност Николај Окуњев ги открил фреските под фрескоживописот од XIX век. Во манастирскиот комплекс во XIX век биле изградени и конаци на кои се изведени конзерваторски и реставраторски зафати. Во 1954 – 1955 година, целосно е исчистен фрескоживописот од слојот со фрески од XIX век. Кон крајот на XVI и почетокот на XVII век биле насликани ликовите на Св. Архангел Михаил и Св. Никола кои се наоѓаат лево и десно од влезот од припратата во наосот. Црквата имала и стар мермерен иконостас, од кои денес се сочувани неколку делови. Денес манастирот е активно духовно светилиште во кој живеат пет монаси на чело со игуменот, архимандритот Агатон.
Културно значење: Ктиториран од угледен византиски интелектуалец и изведен од врвен, цариградски мајстор - зограф, ансамблот на Св. Пантелејмон во Нерези не е само парадигма за величината и рафинираноста на религиозното сликарство во православната сфера, тој е синоним за најдобриот супстрат на средновековната култура, овоплотен во еден инспиративно дизајниран и страсно реализиран сликан ансамбл.
Сегашна состојба: Архитектурата и фрескоживописот се во добра состојба, не се забележуваат знаци на оштетувања. Не се потребни посебни мерки за заштита.
Користена литература: Е. Димитрова, „Свети Пантелејмон – Нерези“, Седум споменици на културата во Скопје и скопско, Македонида, Скопје, 2009; Е. Димитрова, Свети Пантелејмон – Нерези, Скопје 2016